Комесарот на НБА лигата Адам Силвер имаше обраќање кое ја шокираше кошаркарската јавност. Тој смета дека многу реално е на Олимписките игри наредната година да ги нема НБА ѕвездите и тоа од сите селекции.
Имено, поради пандемијата на коронавирусот, НБА лигата беше прекината цели 3 месеци, па наместо деновиве да почнува новиот шампионат, се уште се играат финалињата по конференции.
Првичниот пандемиски план на Силвер и неговите соработници беше новата сезона да започне во декември, но по се изгледа таа ќе започне дури во јануари, а претпоставките се дека ќе трае до септември или октомври 2021 година.
Олимпијадата, пак, во Токио треба да се одржи идното лето, на крајот на јули и на почетокот на август.
„Постојат многу сјајни американски кошаркари, а ние можно е да се наоѓаме пред сценарио во кое 15 најдобри НБА играчи нема да играат на ОИ, а таму да учествуваат други 15 играчи. Се разбира, многу НБА асови и од другите селекции ќе сакаат да се на ОИ, тоа е нешто на кое ќе треба да поработиме“ – рече Силвер.
Информациите се дека на ОИ во Токио ќе треба да има 12 американски кошаркари, и барем 34 други играчи, во останатите репрезентации Во текстот објавен на официјалниот сајт на НБА лигата се потсетува дека веќе квалификувани во Токио се селекциите на САД, Нигерија, Австралија, Шпанија, Аргентина, Иран, Франција и Јапонија.
За настап во Токио се надеваат и Грција со МВП-играчот, Јанис Адетокумпо, Србија која ја предводи ѕвездата на Денвер, Никола Јокиќ, но и Литванија, Русија, Чешка…