Top Sport

Ваков пораз не се памети на „Олд Трафорд“ – Мурињо и Тотенхем ги уништија „ѓаволите“

Жозе Мурињо и неговиот Тотенхем му приредија вистински кошмар на неговиот поранешен клуб Манчестер јунајтед, победувајќи ги со 6:1 на „Олд Трафорд“ во 90 минути кои ги покажаа сите слабости на еднаш моќните „ѓаволи“ и во исто време срушија еден куп негативни рекорди во славната историја на клубот.

А, почетокот, беше толку добар за Оле Гунар Солскјер – по само 30 секунди, Антони Марсијал беше соборен во шестнаесетникот, а Бруно Фернандеш беше сигурен од белата точка за водство на домаќините.

Но, тогаш следуваше вистински кошмар приреден од капитенот Хери Мегваер (најскапиот дефанзивец на светот) и целата одбрана. Во четвртата минута по една комична интервенција во шестнаесетникот, Танги Ндомбеле израмни на 1:1, а веќе во седмата Тотенхем го комплетираше пресвртот по уште една лоша интервенција на одбраната преку Хеунг-Мин Сон откако топка меѓу нозе добија и Мегваер и голманот Де Хеа.

Во 28. минута од мечот, веќе беше познат исходот, откако Марсијал одговори на провокацијата на Ерик Ламела удирајќи го по врат, и доби црвен картон, оставајќи го тимот со 10 играчи. Само две минути подоцна, Хери Кејн зголеми на 1:3, а пет минути по тој гол Сон го постигна вториот гол за катастрофа на „ѓаволите“.

Јунајтед сега имаат примено барем два гола во првите три меча од сезоната првпат од 1972 година, а покрај тоа примија првпат четири гола во прво полувреме во меч од Премиер лигата, бидејќи последен пат тоа се случило во 1990 година, пред воведувањето на ПЛ. Тотенхем пак, се првиот клуб кој постигнал четири гола во едно полувреме на „Олд Трафорд“ од 1957 година, кога, токму тие дадоа 4 гола за 4:3 победа.

Серж Орие во 51. минута само ја зголеми мизеријата на „ѓаволите“ по една убава акција, пред во 80-тата минута да биде досуден пенал за Тотенхем за игра со рака на Погба, а Хери Кејн без мака го совлада Давид де Хеа за конечни 1:6.

Scroll to Top