Приватниот авион на менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола бил пресретнат при враќањето на „Ел Прат“ аеродромот во Барселона, каде што шпанската полиција проверувала дали во авионот е поранешниот каталонски лидер, Карлес Пуџдемон.
Пуџдемон пребега во Белгија по референдумот за независност на Каталонија и ќе биде уапсен при враќањето во Шпанија. Според радиото „Каталуња“, Гвардиола во неделата се вратил дома во Барселона, и веднаш бил пресретнат од полицајци кои го барале Пуџдемон, иако во авионот биле само Гвардиола, неговата сопруга и неговите деца.
Според весникот „Ла вангардија“, истата ситуација се повторила во четвртокот, при уште едно слетување на авионот во Барселона.
Самиот Гвардиола е огромен поддржувач на независноста на Каталонија, учествувајќи на повеќе митинзи низ шпанската покраина, а на своите натпревари на клупата на Сити носи портокалова лента како протест за политичките затвореници во Шпанија.