Лион постигна четири гола во првото полувреме за убедлива 4:1 победа над Монако во неделното француско дерби, за да ја продолжи лошата серија на гостите, кои под новиот тренер Нико Ковач немаат победа во последните три меча.
Карл Токо Екамби постигна два гола, по еден додадоа Мемфис Депај и Хусем Ауар (од пенал) за уште во првото полувреме да се реши победникот на мечот, пред гостите да постигнат утешителен гол од пенал преку Висам Бен Једер. Депај, кој беше прв стрелец на мечот, по голот прати порака кон колегата од холандската репрезентација, Вирџил ван Дајк, кој ги повреди лигаментите на коленото и најверојатно ќе отсуствува цела сезона. Бидејќи и тој самиот имаше слична повреда во минатото, многу добро знае што е потребно за рехабилитација.
Со третата победа во низа, Лион се на шестото место со 13 поени, пет помалку од лидерот ПСЖ, додека Монако се на 12. место со 11 поени.
ЛИГА 1, 8.КОЛО
Бордо – Ним 2:0
Брест – Стразбур 0:3
Мец – Сент-Етјен 2:0
Монпелје – Ремс 0:4
Ница – Лил 1:1
Лион – Монако 4:1