Миралем Пјаниќ вели дека ќе им раскажува на своите внуци како играл со Лионел Меси и Кристијано Роналдо, пред враќањето во Торино како играч на Барселона за дуел со својот поранешен клуб Јувентус во Лигата на шампионите.
„Среќен сум што се вратив во Торино и ова е доста емотивен момент за мене. Поминав четири години тука и имам само позитивни сеќавања и сега ги гледам луѓето со кои работев. Ќе биде тешко против Јувентус, бидејќи се работи за многу силен тим. Не знам дали ќе бидам во тимот, бидејќи уште се адаптирам“, вели Пјаниќ.
30-годишниот Пјаниќ не играл со Андреа Пирло во Јувентус, но вели дека би сакал да го има како тренер, а посебно се наврати на тоа што во кариерата имал шанса да игра со Лео и Кристијано.
„Забележав дека Пирло е тренер кој добро ја познава ситуацијата. Го знам менталитетот на Јувентус и ќе биде тешко да се освојат поени. Би сакал да имам тренер како Пирло, но сега имам поинаков предизвик и се надевам дека фановите ќе разберат. Зборував со Меси за годините во Торино, за клубот и претседателот, но тој и така го знаеше тоа. Навистина е исклучително што имав шанса да играм со Меси и Роналдо, двајца феномени. Ќе им кажувам на внуците дека сум играл со тие двајца, нешто што малкумина имале шанса“, додава босанскохерцеговскиот репрезентативец.