Top Sport

Руски милијардери со фудбалска страст – Челси и Абрамович на „гости“ кај Галицки во Краснодар

Кога утревечер Краснодар ќе го пречека Челси во Лигата на шампионите, ќе има интересен дуел на двајца руски милијардери со големи фудбалски соништа. Секако, првиот е Роман Абрамович, човекот кој го направи Челси голем клуб, а вториот е Сергеј Галицки, кој ќе го прослави првиот домашен меч во елитното натпреварување.

Краснодар е клуб формиран на пепелта на стариот Кубан Краснодар во 2008 година, и Галицки, кој направи богатство во малопродажба, во градот во јужна Русија направи вистински бум, градејќи го импресивниот стадион и најавувајќи уште поголеми амбиции.

Скромноста не е една од одликите на 56-годишниот Галицки, кој околу стадионот го изгради „Галицки паркот“, трошејќи над 100 милиони долари во фудбалска академија, каде што има 300 млади фудбалери од регионот. Се верува дека Галицки има потрошено над 400 милиони долари на клубот, а со богатство од над 3.5 милијарди евра, тој може да си го приушти тоа.

Роден како Сергеј Арутјунјан во Лазаровское, село во близината на Сочи на брегот на Црното Море, тој го смени своето ерменско презиме кога се ожени. Откако го отслужил воениот рок, студирал економија на универзитетот во Краснодар, по што работел во банка. Во 1998 година тој ја отвора својата прва продавница во градот под име „Магнит“, која сега е една од најголемите приватни компании во Русија.

Фудбалскиот клуб Краснодар влезе во руската Премиер лига во 2011 година, и иако имаат големи амбиции највисок пласман им е третото место минатата сезона. Тие ги победија ПАОК во септември за влез во ЛШ, откако двапати играа во осминафиналето на Лига Европа.

Галицки претходно изјавуваше дека не се познава со Абрамович, но дека би било „интересно“ да зборуваат за фудбал со уште еден милијардер. Галицки, за разлика од Абрамович е почитуван од широката руска јавност, која му забележува на газдата на Челси што парите кои ги заработи во Русија ги троши во Англија.

 

Scroll to Top