Релативно анонимниот италијански тенисер, Лоренцо Сонего ја оствари својата најголема победа во кариерата, откако во четврт-финалето на Виена опен со 6:2/6:1 го шокираше светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ.
25-годишниот Сонего влезе на главниот турнир како „среќен губитник“, односно загуби во последното коло од квалификациите и се пласираше на турнирот по повлекување на друг тенисер, и во својата кариера има освоено само еден турнир, Анталија опен во Турција минатата година.
„Фаќајќи“ го Ѓоковиќ на погрешна нога, Сонего го освои првиот сет за само 36 минути игра, по што продолжи со шокантниот тенис и во вториот сет. Ѓоковиќ имаше шест брејк топки, од кои не искористи ниту една, а на прв сервис освојуваше под 50 отсто од поените. За место во полуфиналето, Сонего ќе се бори со подобриот од дуелот меѓу Григор Димитров и Ден Еванс.
Турнирот во Виена остана и без локалниот херој, Доминик Тим, кој загуби во два сета со 7:6(5)/6:2 од Русинот Андреј Рубљов. Откако во првиот сет имаше израмнета игра, Рубљов остана смирен во тај-брејкот, и потоа ја искористи повредата на стапалото на Тим во вториот за пласман во полуфиналето, каде што ќе игра со Јужноафриканецот Кевин Андерсон, кој со 6:4/7:6(5) беше подобар од уште еден Русин, Данил Медведев.
Sonego the STUNNER ?
Lucky loser Lorenzo Sonego stuns Novak Djokovic out of Vienna, 6-2, 6-1. #ErsteBankOpen pic.twitter.com/CbZmTE3cMZ
— Tennis TV (@TennisTV) October 30, 2020