Рома со 2:0 ја победи Фиорентина, додека Сасуоло го шокираше Наполи на „Сан Паоло“ со 0:2 за да се искачат на второто место на табелата во попладневните мечеви од Серија А.
Леонардо Спинацола во 12. минута во неверојатен гол од само два потези, успеа да донесе водство за „волчицата“, пред мечот да го реши ветеранот Педро во 70. минута по уште еден неверојатно брз контра напад на домаќините.
Сасуоло пак, продолжува со фантастичните резултати, победувајќи на гости кај Наполи со 0:2, благодарение на голот од пенал на Мануел Локатели, пред во 92. минута Максим Лопез да ја потврди победата. За Наполи, конечно, во составот се врати и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, кој влезе во 70. минута на местото на Дрис Мертенс, но не успеа да го спречи првиот пораз на Наполи во новата сезона на терен (иако имаат и 0:3 службен пораз од Јувентус). Сасуоло се на второто место на табелата со 14 поени со три победи и две ремија, само два поени зад Милан.