Top Sport

Солскјер: Јас сум човекот за успешен Манчестер јунајтед

Оле Гунар Солскјер е сигурен дека е вистинската личност да го врати Манчестер јунајтед на врвот на англискиот и европскиот фудбал и покрај разочарувачкиот старт на сезоната и мизерните резултати во последните недели.

По двата порази во низа против Арсенал и Башакшехир, во кој тимот покажа слаба игра, следува гостувањето кај расположениот Евертон на „Гудисон парк“ како 15. во Премиер лигата со две победи во шест меча и шпекулации дека Маурисио Почетино е подготвен да го замени. И покрај ова се верува дека Солскјер (засега) ја има целосната поддршка на управата на Јунајтед.

„Ако јас не верувам во моите вредности, квалитетот на мојот тим и на моите фудбалери, кој ќе го направи тоа? Не гледам само на еден или два резултати и другото паѓа како кула од карти. Да, не беше убаво што не дадовме голови против Арсенал и Челси, но само пред некое време според медиумите бевме многу силни против Лајпциг и ПСЖ. Клубот е позитивен и ми покажа карактер и доверба и лидерство. Денеска е сончево во Манчестер и не верувам дека ветерот ќе го смени правецот. Притисокот и очекувањата секогаш се тука. Во Манчестер јунајтед станав маж и научив да се носам со добрите и лошите времиња“, вели Солскјер пред мечот со Евертон.

Тој исто така застана во одбрана на своите фудбалери, кои беа обвинети за недостаток на мотивација на теренот, и тоа од поранешните соиграчи на Солскјер како Рој Кин, Гери Невил и Рајан Гигс.

„Има побарувања да си фудбалер, тренер или менаџер на Манчестер јунајтед. Ние сме најдобрите и најголемиот клуб на светот, така што критиките секогаш се тука и не треба да ја губиш главата. Овие фудбалери, како тие од мојата ера, ја покажуваат желбата. Работат на тренинг, сакаат да победуваат и се лутат кога губат. Да не беше така, тогаш работите немаше да функционираат“, вели Солскјер.

Scroll to Top