За Шалке нема надеж. Тоа мора да е мислењето на фановите на славниот клуб од Гелзенкирхен, откако клубот беше на чекор од прекинување на низата од 26 натпревари без победа во Бундеслигата, пред Аугзбург во 93. минута со играч помалку да израмни на 2:2. Последната победа Шалке ја имаше во јануари!
Почетокот не ветуваше крај на една од најнеславните лузерски серии во модерниот фудбал, откако Суат Сердар си постигна автогол во 32. минута за 1:0 водство за Аугзбург, но работата се смени во второто полувреме.
Прво, Бенито Раман во 52. минута израмни, пред Флоријан Нидерлехнер да добие втор жолт картон и да ги остави Аугзбург со играч помалку. Ова го искористи Мароканецот Насим Бужелаб во 62. минута за да донесе водство на клубот од Гелзенкирхен, пред по многу пропуштени шанси на гостите, Аугзбург да освои поен во 93. минута со голот на Марко Рихтер!
Шалке останува последен со четири поени по 11 меча, еден зад Мајнц, но и четири од безбедната зона, додека Аугзбург се 9. со 13 поени.