Јирген Клоп втора година едноподруго е освојувач на наградата за најдобар тренер на ФИФА Бест наградите, контроверзно, победувајќи го Ханси Флик од Баерн Минхен и Марсело Биелса од Лидс. Најдобар тренер во женскиот фудбал е холандската селекторка Сарина Вигман, додека најдобар гол, односно „Пушкаш наградата“ отиде кај корејската ѕвезда на Тотенхем, Хеунг-Мин Сон.
Клоп минатата сезона го оствари сонот на навивачите на Ливерпул, освојувајќи ја првата титула од Премиер лигата по 30 години пауза, меѓутоа против себе го имаше популарниот Хер Флик, кој го презеде Баерн во катастрофална форма, и го донесе до тројна титула (Бундеслига, ДФБ Куп, Лига на шампиони) на патот прегазувајќи ја Барселона со 8:2. Биелса пак, го врати Лидс јунајтед во Премиер лигата по пауза од 16 години.
Сон, пак, ја доби наградата за најдобар гол за фантастичниот соло-продор против Барнли минатата сезона, победувајќи го Луис Суарез (Барселона-Мајорка) и Гиоргиан де Араскаета (Фламенго-Сеара).