Top Sport

Доминик Тим „се остри“: Грен слемовите се мојот приоритет!

Австрискиот тенисер, Доминик Тим имаше зад себе сјајна сезона. Го освои својот прв грен слем во кариерата (САД опен), играше во финалето на Австралија опен, а ново финале играше и на Завршниот мастерс во Лондон.

За австриска телевизија Тим рече дека е повеќе од задоволен од 2020 година, но не планира тука да запре.

„Мене не ми е битно кој сум на АТП ранг листата. Грен слемовите се мојот приоритет. Ако не победам ниту на еден грен слем или ако не играм ниту едно финале, можеби нема да сум задоволен со таа година. Ќе бидам задоволен ако сум четврти на листата и освојам барем еден грен слем во годината“ смета Тим.

Австриецот ги следи стапките на Ѓоковиќ, Надал и Федерер и свесен е дека на пиедеталот може да се стигне само со освојување на најголемите трофеи.

„Постои желбата, секако кога сум број 3, сакам да сум и број 1. Но таа желба во моментов не е толку голема колку што е за освојување грен слем титули“ нагласува тој.

Тим и следната сезона во Роџер, Рафаел и Новак гледа конкуренти за четирите најголеми турнири во светот на тенисот, но знае дека сега ќе има многу повеќе самодоверба да им ги расипе плановите.

„Можеби следната сезона сите четири грен слема ќе ги освои `големата тројка`, но и покрај тоа големи се шансите да има повеќе нови победници. Мојата титула поради тоа беше важна, затоа што сега другите видоа дека тоа е можно“ – рече Доминик Тим.

Scroll to Top