По првите 20-тина минути изгледаше дека ќе гледаме стара приказна – убедлива победа на германскиот и европски шампион Баерн Минхен на „Борусија парк“ против Менхенгладбах. Баерн имаше 0:2 водство и доминација во играта, пред „ждребињата“ да направат чудесен камбек и да победат со 3:2.
Роберт Левандовски од пенал во 20-тата минута и Леон Горецка шест минути подоцна донесоа 0:2 водство за Баварците, пред Јонас Хофман да постигне два гола (36. и 45. минута) да осигура на полувреме да се отиде со 2:2. Флоријан Нојхаус стрелаше на почетокот на второто полувреме во 49. минута, на асистенција на Хофман и овој резултат остана до крајот.
Баерн останува лидер пред другите натпревари од 15. бундеслигашко коло со 33 поени, но сега Лајпциг може да ги замени на врвот ако утре го добие дербито со Борусија Дортмунд. Гладбах по лошата серија, сврза две победи во низа и сега е на седмото место со 24 поени.