Светскиот шампион во снукер од 2015 година, Стјуарт Бингам доби суспензија од шест месеци за прекршувања на правилата за обложување.
Светската федерација за билијард и снукер (ВПБСА) потврди дека тој е виновен за обложување на мечеви во кои играл тој, но и други професионалци и сега ќе може да се врати на снукерот во јануари 2018 година. Покрај тоа, Бингам ќе мора да плати 20.000 фунти за трошоците за сослушувањето, иако федерацијата додаде дека нема сомнежи дека тој се обидувал да влијае на исходот на мечевите или „други коруптивни дејствија“.
Британските медиуми јавуваат дека Бингам се обложил со над 35.000 фунти во последните неколку години. Суспензијата значи дека тој ќе го пропушти УК шампионатот во декември и Мастерсот еден месец подоцна, двата најзначајни турнири на календарот.