Лука Јовиќ смета дека немал среќа во Реал Мадрид откако постигна само два гола во сезона и пол во „кралскиот“ клуб откако пристигна од Ајнтрахт Франкфурт за 60 милиони евра во 2019 година.
23-годишниот Јовиќ се врати во Ајнрахт како позајмен фудбалер до крајот на сезоната и има три гола во три меча досега, иако трипати влегуваше во игра од клупата, односно во 76 минути игра има повеќе голови отколку во 32 меча со Реал.
„Среќен сум што повторно сум во Франкфурт, каде што се чувствувам удобно и тоа се гледа на теренот. Постигнав два гола во Реал, а сега имам три! Во Реал немав среќа, повредите ми направија многу проблеми. Во Мадрид имав шанса да тренирам секојдневно со најдобрите фудбалери на светот, добив огромно искуство и мислам дека сега сум подобар играч. Да ги споредам Зидан и Ади Хитер? Не сакам да одам во детали, но двајцата се феноменални. Зидан е одличен на лично ниво, но полесно ми е да зборувам со Ади на англиски бидејќи не го познавам шпанскиот јазик доволно за течно да разговарам со Зидан. Тие детали ми помагаат во Ајнтрахт“, вели Јовиќ.