Лидерот во Западната конференција, во НБА лигата, Хјустон, победи во Портланд 115:111 и ја прекина низата од 13 победи во која беа Трејлблејзерс. Изминатата ноќ Германецот Денис Шрудер го одигра мечот на кариерата и ја предводеше Атланта до победа над Јута 99:94. Во Бостон, Оклахома испушти предност од шест поени во последните 24 секунди, а Селтикс со поените на Маркус Морис славеше со 100:99.
Џејмс Харден и во Портланд покажа зошто е најсериозниот кандидат за МВП наградата во регуларниот дел од сезоната. „Брадата“ го предводеше Хјустон со 42 поени, 6 скока и 7 асистенции. Харден огромна помош доби од Крис Пол (22 поени, 8 скока, 6 асистенции) и Ерик Гордон (18 поени).
Ал Фарук Амину со 22 поени беше најефикасен во редовите на Портланд, додека Демијан Лилард постигна 20 поени. Одличен кај домќинот беше и Јусуф Нуркиќ со двоен ефект од 21 поен и 11 скока.
Денис Шрудер (24) постигна рекордни во кариерата 41 поени, на кои придодаде 5 скока и 7 асистенции, и ја предводеше Атланта до победата над Јута 99:94.
Бостон го доби трилерот против Оклахома со поените на Маркус Морис постигнати на 1,2 секунди до крајот на мечот (100:99). Оклахома во завршните 24 секунди влезе со предност 98:92. Вестбрук погоди само едно слободо фрлање, а Розијер со тројка го доближи Бостон на два поени негатива 97:99. Потоа Кармело Ентони промаши две слободни фрлања, а по тајмаутот Морис погоди тројка за победа на Бостон.
Џејсон Тејтум со 23 поени и 11 скока, Маркус Морис со 21 и Грег Монро со 17 поени го предводеа Бостон. Кај Оклахома се истакнаа Расел Вестбрук со 27 поени, 8 скока и 7 асистенции, односно Пол Џорџ со 24 поени и 13 скока.