Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон ги „распали“ тензиите пред Светското првенство во Русија, велејќи дека претседателот Владимир Путин ќе го искористи Мундијалот исто како што Адолф Хитлер ги искористил Олимписките игри во Берлин во 1936 година.
Односите меѓу Русија и Велика Британија се на најниско можно ниво последните недели, откако поранешниот руски шпиун Сергеј Скрипал беше отруен со нервен гас во близината на неговиот дом во Салисбјури, за што Британците дефинитивно го обвинуваат Путин. Русија на ова луто одговори, а двете нации ги вратија своите дипломати.
Џонсон, кој претходно најави дека Англија не треба да настапува на Мундијалот, сега вели дека Путин, кој беше реизбран за претседател со 70 отсто од гласовите, ќе се однесува исто како Хитлер.
„Мислам дека оценката за тоа што ќе се случува во Москва на Светското првенство, на другите стадиони, ќе биде споредбено со 1936 година. Не е убаво да се помисли дека Путин ќе слави на ова спортско натпреварување“, изјави Џонсон одговарајќи на прашање од лабуристичкиот пратеник Јан Остин, кој оцени дека „Путин ќе го користи шампионатот исто како што Хитлер ја искористи Олимпијадата во 1936“.
Остин повтори дека Англија треба да се повлече од Мундијалот во знак на протест.
„Искрено, сметам дека Англија не треба да учествува на Светското првенство. Не треба да го поддржуваме Путин во неговата ’пи-ар’ забава да ги замачка сериозните нарушувања на човековите права за кои само тој е одговорен“, изјави Остин.
Фото: ЕПА