Top Sport

Гостинска доминација во Серија А, Пандев доби 20 минути, Несторовски на клупа

Важна победа за бегство од опасната зона имаше попладнево екипата на Џенова нагости кај Кротоне во 20 коло од Серија А.

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Горан Пандев во игра влезе во 71 минута во мечот што неговата екипа го доби со 3-0 пред се благодарение на одличниот настап на Дестро. Токму тој во 24 минута го отвори резултатот, а го постигна и погодокот за 0-3 во 51 минута. Вториот гол за Џенова беше дело на Сибора во 29 минута.

Со овој триумф Џенова се искачи на 14-тата позиција на табелата, на -6 бода од зоната за испаѓање. Кротоне останува „фенерџија“.

Претходно и Удинезе забележа триумф во ова коло, но нашиот репрезентативец Илија Несторовски трет меч во низа не добива шанса за настап. Во натпревар на кој имаше „дожд“ од картони (2 од нив и црвени) Удинезе славеше победа со 0-1 нагости кај Специја благодарение на погодокот што во 52 минута го постигна Де Пол од пенал.

Попладневна гостинска победа забележа и Лацио во дербито против Аталанта, 1-3. Пред 4 дена играа меч во четвртфиналето на Купот на Италија, а денеска повторно беа противници. Погодоците за Лацио ги постигнаа Марушиќ во 3., Кореа во 51. и Муричи во 81. минута од натпреварот, а за Аталанта Пашалиќ во 79 минута намали на 1-2.

Со денешниот триумф „небесносините“ ја прескокнаа Аталанта на табелата и сега се 5-ти со 37 бода, бод повеќе од тимот на Гасперини.

На последниот натпревар од терминот од 15 часот Каљари имаше шанса да ја одбрани честа на домашните екипи. Со 1-0 поведе против Сасуоло, стрелец беше Жоао Педро во 75 минута. Сепак бод за гостите донесе Бога во 94 минута за конечни 1-1.

Вечерва се играат дуелите Наполи – Парма, односно Рома – Верона.

Scroll to Top