Лионел Меси признава дека тешко гради соработка со својот сонародник Пауло Дибала во аргентинската репрезентација, бидејќи двајцата фудбалери играат многу слично.
Дибала дебитираше за „Албиселесте“ во октомври 2015 година, но оттогаш има само 10 настапи и ниту еден постигнат гол. Фудбалерот на Јувентус, слично како и Меси, повеќе сака да игра на десната страна, и Меси вели дека поради тоа е тешко да се направи вистинско партнерство, откако Дибала повторно не беше повикан во репрезентацијата.
„Зборував со Пауло и тој ми потврди дека е тешко да се игра со мене. Во Јувентус тој игра исто како мене, двајцата бараме ист простор на теренот. Покрај мене во националниот тим, тој мора да игра на левата страна и не е навикнат на таква ситуација. Јас ретко одам на левата страна, а двајцата од десната имаме контрола на играта. Сфатив точно што сака да каже“, вели Меси.
Меси и Аргентина утре играат со Шпанија, откако во петокот ја победија Италија без Меси во составот со 2:0.
Фото: ЕПА