Легендарниот хрватски тренер и фудбалер, Велимир Зајец мораше самиот да демантира дека е умрен, откако на утринска програма на националната телевизија ХТВ го нарекоа покоен.
Во емисијата „Добро утро, Хрватска“, водителот Давор Мештровиќ, најавувајќи ја книгата „Зеко“ за кариерата на Зајец во авторство на Сањин Шпановиќ, малку се збуни.
„Во следниот час имаме многу интересни теми. Тука е колегата новинар Сањин Шпановиќ кој напиша книга за Велимир Зајец, неодамна починатиот великан на хрватскиот фудбал и спорт“, изјави Мештровиќ.
Зајец смета дека тој се збунил со Златко Цицо Крањчар, уште една фудбалска легенда, кој почина неодамна.
„Еве жив сум и уште одам. Не го видов тоа, мислам дека се збунија и ме помешаа со Цицо. Но, порачајте им на колегите дек сум жив и здрав“, изјави 65-годишниот Зајец за „Јутарњи лист“.