Дефанзивецот на српската репрезентација, Стефан Митровиќ, кој беше најодговорен што контроверзниот гол на Кристијано Роналдо не беше признаен во Белград при 2:2 ремито на Србија и Португалија, вели дека не е точно дека топката ја минала гол-линијата, иако на снимките јасно се гледа тоа.
Во најдраматичниот вчерашен квалификациски меч, Роналдо беше бесен што во 93. минута од мечот не му беше признаен голот, додека Србите спасија поен откако губеа со 0:2 на полувреме.
„Секако дека Роналдо има свое гледање на работите, може да биде лут, но јас мислам дека топката не влезе во голот. На крајот сме задоволни од резултатот, но не и презадоволни, бидејќи одевме на победа“, вели Митровиќ, фудбалер на француски Стразбур.
Во српските медиуми пак, го „величат“ 30-годишниот Митровиќ како вистински херој, бидејќи во своите 23 настапи за Србија веќе има два моменти за паметење – одбраната на Роналдо, и симнувањето на дронот со албанското знаме на мечот со Албанија во Белград во 2014 година.