Напаѓачот на Лос Анџелес галакси, Златан Ибрахимовиќ вели дека е благодарен што повторно игра фудбал, уживајќи во „лудиот старт“ на животот во Калифорнија.
Ибрахимовиќ во својот прв меч во МЛС лигата постигна два гола, вклучувајќи неверојатен обид од 40-тина метри, а Галакси се вратија од три гола негатива за 4:3 победа во градското дерби со Лос Анџелес ФЦ.
36-годишниот Швеѓанец вели дека едвај чека редовно да игра фудбал по низата повреди во последната сезона со Манчестер јунајтед.
„Секој филм кој има добар почеток се надевам дека има и добар финиш. За мене, почетокот беше луд, прв натпревар и два гола и очекувањата се големи. Јас самиот си поставувам високи стандарди, многу притисок, бидејќи сакам да се докажувам. Сакам да го правам тоа што го сакам. Ќе треба време да се адаптирам, но среќен сум што играм фудбал повторно“, вели Ибрахимовиќ во интервју за „Скај спортс“.
Неговиот поранешен клуб, Јунајтед во сабота игра со Манчестер сити, и Ибра не знае дали ќе го следи мечот.
„Разликата во временските зони е огромна, така што најверојатно нема да го гледам во живо. Секако, секогаш ги следам клубовите за кои играв, бидејќи со сите имам одлични односи. Сакам само да победуваат“, додава Ибрахимовиќ.
За неговиот старт на американската кариера кој наликува на холивудско сценарио, Ибра дури избра кој би го играл во блокбастер.
„Најверојатно некој како Силвестер Сталоне“, се шегува Швеѓанецот.
Фото: ЕПА
Америка го откри Златан! Два спектакуларни гола за победа (видео)