Top Sport

Инс: Не уживам да гледам ниту еден играч на Јунајтед

Поранешниот играч од средниот ред на Манчестер јунајтед, Пол Инс вели дека воопшто не е импресиониран од клубот на Жозе Мурињо и очекува да има „егзодус“ во текот на летниот преоден рок.

Инс вели дека не ужива да гледа ниту еден играч на Јунајтед, и покрај тоа што клубот е на второто место во Премиер лигата и се пласираше во полуфиналето од ФА купот. Тој додава дека поранешниот доминантен тим сега е во „стагнација“ и дека има само еден првокласен фудбалер во целиот состав.

„Во моментов кој е возбуден да гледа фудбал каков што играат Јунајтед? Апсолутно никој. Дури би кажал дека нема ниту фудбалери на Јунајтед кои уживам да ги гледам. Можеби Пол Погба или Маркус Рашфорд, но само ако имаат добар ден. Нивниот единствен првокласен фудбалер е Давид де Хеа. Има многу работа на ’Олд Трафорд’. Луис ван Гал и Дејвид Мојс го уназадија клубот и Мурињо мора да го поправи тоа“, вели Инс за „Педи Пауер“.

Јунајтед веќе му дадоа на Мурињо слобода на трансфер-пазарот со купувањето на Погба и Лукаку, но Инс верува дека се потребни и подрастични промени, иако веќе „Олд Трафорд“ не е „магнет“ за најдобрите играчи.

„Покрај парите, важно е да се привлечат вистинските фудбалери. Јасно е дека Мурињо го нема тимот кој го посакува и очекувам егзодус за време на преидниот рок. Но, сега, кој играч би сакал повеќе да оди во Јунајтед отколку во Сити според фудбалот кој се игра? Од Манчестер јунајтед има одредени очекувања. Треба да се игра возбудлив, напаѓачки фудбал кој е неверојатно да се гледа. Во моментов тоа го нема. Сити, Ливерпул и Тотенхем се возбудливи“, додава Инс.

Scroll to Top