Ракометарите на хрватски Загреб утре и задутре во Германија требаше да ги одиграат двата осминафинални натпревари во Лигата на шампионите против тимот на Фленсбург. Сепак, само петмина ракометари се меѓу незаразените од коронавирусот, па двата меча воопшто нема да се одиграат.
ЕХФ инсистираше двата натпревари да се играат во Германија (првиот меч на кој Загреб требаше да е домаќин се одложи поради истите причини), но Загреб нема да патува кон Германија затоа што нема доволно здрави играчи за настап.
На дел од играчите самоизолацијата им завршува утре на полноќ, па теоретски можат да настапат на вториот меч во четврток, но хрватскиот ракометен шампион не сака утрешниот прв меч против моќниот противник да го игра со јуниори во составот.
Фленсбург е промовиран во четвртфиналист, а Загреб немаше шанси ниту да дојде до елиминациската фаза ако се знае дека ЕХФ поради Ковид 19 и турбулентниот распоред одлучи сите клубови кои се натпреваруваа во групната фаза да земат учество и во нокаут фазата.
Загреб ги загуби сите 14 меча во групната фаза.