Top Sport

Рашфорд ги „крена“ Јунајтед, Динамо Загреб со несреќен пораз од Вилјареал

Манчестер јунајтед и Вилјареал успеаја да направат предност по првиот гостински меч од четврт-финалето на Лига Европа, Арсенал одигра само 1:1 со Славија Прага, а Рома направи камбек за 1:2 победа кај Ајакс.

Маркус Рашфорд доби фантастична топка од Виктор Линделоф во 31. минута, за убаво да се снајде и на тимот на Оле Гунар Солскјер да му донесе 0:1 водство кај Гранада, по што Бруно Фернандеш во 90. минута од пенал ги постави конечните 0:2, резултат кој ги прави „ѓаволите“ едни од фаворитите во натпреварувањето.

И на „Максимир“ победија гостите, откако Вилјареал славеше со 0:1 над Динамо Загреб. „Модрите“, кои на патот до четврт-финалето ги елиминираа Тотенхем, постигнаа гол преку Оршиќ во првото полувреме, но тој им беше поништен поради офсајд, за потоа во 44. минута поради игра со рака во шестнаесетник, гостите да добијат пенал кој Жерард Морено го реализираше.

Арсенал, без капитенот Пјер-Емерик Обамејанг во стартниот состав, се изнапромашува против Славија Прага за на крајот во 86. минута Никола Пепе да им донесе 1:0 водство, пред во 92. минута, Томаш Холеш да израмни и да им даде надеж на Чесите дека можат да направат сензација во реваншот.

Ајакс и Рома го одиграа најинтересниот меч, во кој гостите славеа со 1:2. Душан Тадиќ имаше одлична асистенција до Дејви Класен во 39. минута за 1:0, но потоа утна пенал во 56. минута, за да дозволи Рома да направат камбек. Лоренцо Пелегрини израмни во 67. минута, за Ибанез во 87. минута да го комплетира пресвртот.

ЛИГА ЕВРОПА, 1/4 ФИНАЛЕ

Ајакс – Рома 1:2

Арсенал – Славија Прага 1:1

Динамо Загреб – Вилјареал 0:1

Гранада – Манчестер јунајтед 0:2

ГРАНАДА – МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

ДИНАМО ЗАГРЕБ – ВИЛЈАРЕАЛ

АЈАКС – РОМА

АРСЕНАЛ – СЛАВИЈА ПРАГА

Scroll to Top