Јувентус, во среда од 20:45 часот, ќе се обиде да направи чудо во Мадрид, односно ќе се обиде да ја стигне предноста на европскиот првак од 3:0, во четврт-финалето во Лигата на шампионите.
Тренерот на италијанскиот шампион, Масимилијано Алегри, барем според она што најавуваат медиумите на Апенините, подготвил ултра офанзивна формација, со само двајца во редот за врска и тројца напаѓачи.
Во редот за врска би требало да бидат Миралем Пјаниќ и Сами Кедира, а во нападот покрај Гонзало Игуаин, би делувале Хуан Квадрадо, Марио Манџукиќ и Даглас Коста.
„Јувентус е голем тим и сигурно е дека може да ја мине оваа фаза. Чуда се случуваат, дури и кога противник ви е Реал. Се е во психата. Ќе биде тешко, но јас како навивач на Јувентус верувам во чудо“, им испратил порака на играчите легендарниот Алекс Дел Пјеро.
Еден од најискусните во тимот, Џорџо Кјелини, најавува борба до последната минута.
„Нема да плачеме поради првиот натпревар. Требаше да израмниме, а на крајот изгубивме 3:0. Во Мадрид ќе одиграме добар меч, а во спортот, како и во животот се е можно“.