Аталанта имаше убедливи 0:2 по 45 минути игра, но на крајот и беше потребен гол од пенал за да стигне до 3:2 победа на гости кај Фиорентина за да се врати на четвртото место во Серија А.
Дуван Запата беше фантастичен во првото полувреме, постигнувајќи два гола во 13. и 40. минута, но во второто полувреме на сцена стапи фантастичниот Србин, Душан Влаховиќ, кој направи целосен пресврт за помалку од десет минути, постигнувајќи голови во 57. и 66. минута.
Сепак, во 70. минута беше досуден пенал за гостите, кој Јосип Иличиќ сигурно го реализираше за нова победа на клубот од Бергамо. Аталанта сега има 61 поен, еден поен помалку од третопласираниот Јувентус и два пред Наполи во интересна битка за место кое води во Лигата на шампионите. Фиорентина се наоѓаат на 15. место со 30 поени.