Манчестер сити го доживеа и третиот пораз во низа и излета од четврт-финалето на Лигата на шампионите, откако Ливерпул со 2:1 остро ги казни грешките на англиските лидери за да ја продолжи европската одисеја.
А на почетокот изгледаше дека сѐ е можно во вторникот навечер во Манчестер. Габриел Жесус по само две минути игра го матираше Лорис Кариус и многубројните домашни фанови се надеваа дека разликата од три голови не е недостижна. Да, вистина голот дојде по недосуден фаул на Рахим Стерлинг над Виргил ван Дајк, но тоа не беше санкционирано.
Сити го одржуваше притисокот на „црвените“ во текот на првото полувреме, а во финишот на полувремето дури и постигна втор гол преку Лирој Сане, кој судиите згрешија што не го признаа. Пеп Гвардиола поради расправање со судиите второто полувреме го мига на трибините.
Второто полувреме донесе поинаква приказна, Мо Салах и Садио Мане имаа одлична двојна акција, која заврши со елегантно положување на топката во голот од страна на Египќанецот, за Сити да дојде во ситуација во која им беа потребни уште четири постигнати голови за пласман во полуфинале.
Во 77. минута, Роберто Фирмино го искористи глупавиот потег на Николас Отаменди, за уште еднаш да го совлада Едерсон и да осигура Ливерпул со две победи (3:0, 2:1) убедливо да влезе меѓу најдобрите четири.
За тимот на Гвардиола пак, останува да се израдуваат на титулата во Премиер лигата, но ќе биде тешко да се крене духот по трите порази во низа – два од Ливерпул и еден од Манчестер јунајтед во градското дерби.
Фото: ЕПА