Челси би можеле да „профитираат“ од продажбата на Еден Азар, вели нивниот поранешен играч Марсел Десаи, бидејќи со тие финансии ќе можат да го засилат тимот на други позиции.
27-годишниот Белгиец е несомнено еден од најдобрите фудбалери на „Стемфорд бриџ“, но постојано го поврзуваат шпекулации со трансфер или во Реал Мадрид или во Пари Сен-Жермен, и советот на поранешниот француски репрезентативец до Челси е „да ги земат парите“.
„Ако утре го продадете Азар, можете да купите тројца играчи кои ќе добијат голема шанса. Вилијан, на пример, е брилијантен и може да го крене нивото на клубот и да стане првокласен играч. Роман Абрамович е страсен за фудбалот и секако дека ќе биде разочаран што нема да играат во Лигата на шампиони, но мислам дека нема да имаат проблеми да привлечат топ-фудбалери“, вели Десаи за „Дејли мејл“.
Тој, сепак, предупредува дека не е потребна и тренерска смена, откако Абрамович смени 12 тренери откако е на чело на тимот. Според Десаи, Антонио Конте е човекот за Челси.
„Тоа што минатата сезона им донесе титула, не е возможно да не функционира оваа сезона. Претходно тие ги менуваа тренерите, а ги задржуваа играчите, овојпат треба да го задржат тренерот и да ги сменат играчите. Барем пет од нив“, додава Десаи.
Фото: ЕПА