Минхенски Баерн е подготвен да го продаде Роберт Левандовски во летниот преоден рок, тврди францускиот весник Лекип. Според истиот извор, Баварците за услугите на 29-годишниот фудбалер бараат 100 милиони евра.
Клупските челници на баварскиот гигант изминатите недели тврдеа дека немаат намера да го продадат полскиот голгетер, меѓутоа пресвртот настанал кога Левендовски побарал трансфер, тврди лекип.
Поради тоа клубот се согласил да му дозволи трансфер но не за помалку од 100 милиони евра.
Неколку екипи се подготвени да ги исполнат условите што ги поставил Баерн. Покрај реал, со кого се поврзува левандовски, тука се уште и премиерлигашите Манчестер сити и Челси.
Лекип пишува дека во Минхен ќе пристигне нов напаѓач, кој ќе биде многу поефтин од Левандовски. Името на новиот играч од Баерн не сакале да го откријат.
Левандовски, како слободен играч, во 2014 година од Дортмунд се пресели во Минхен. Во изминатите четири сезони има импресивни бројки зад своето име, 145 постигнати гола на 187 натпревари.