Top Sport

Пресметка на титаните во Минхен, Ливерпул против „волчицата“

Уште четири тима останаа во борбата за титулата во Лигата на шампионите. Покрај актуелниот шампион Реал Мадрид тука се минхенски Баерн, Ливерпул и Рома.

Тимовите што партиципираат во полу-финалето заедно имаат 22 титули во Купот или Лигата на шампионите.

Реал е најтрофеен во ова друштво, има 12 титули. Екипата од „Сантијаго Бернабеу“ е прва што го одбранила трофејот во новиот формат на Лигата на шампионите.

Баерн и Ливерпул освоиле по пет трофеи. Баварците последен пат победиле во 2013 година, а екипата од Енфилд во 2005 година. Рома нема трофеј во најпрестижното клупско натпреварување. За римскиот тим ова е најголемиот успех во Лигата на шампионите, доколку се изземе финалето во Купот на европските шампиони во 1984 година.

Амбасадот на финалето Андреј Шевченко ги извлече полу-финалните двојки. Украинецот ги спои минхенски Баерн и мадридски Реал, односно Ливерпул и Рома.

Баерн и Реал и лани играа во оваа фаза, а понатаму мина „кралскиот клуб“ со вкупни 6:2. Овие ривали досега имаат одиграно 24 натпревари, два од нив завршиле нерешено, а тимовите имаат по 11 победи.

Ливерпул и Рома низ историјата се сретнале пет пати. „Црвените“ се поуспешни со две победи, Рома славела еднаш, а две средби завршиле нерешено.

Полу-финалните пресметки се играат на 24/25 април, а реваншите на 1/2 мај. Финалниот меч се игра на Олимпискиот стадион во Киев, Украина на 26 мај.

Scroll to Top