Шпанија со 3:1 го совлада Мали во полуфиналето на Светското првенство за фудбалери под 17 години, и во европската „пресметка“ за титулата ќе се бори со Англичаните, кои претходно изненадувачки со идентични 3:1 го елиминираа Бразил.
Ова е реприза на Европското првенство за играчи до 17 години, во кое Шпанија ја освои титулата откако беше подобра во изведувањето на пенали од Англичаните откако мечот заврши 2:2 по регуларниот дел и продолженијата.
Човек на одлука на СП во Индија, беше напаѓачот на Б-тимот на Барселона, Абел Руиз, кој прво од пенал во 17. минута донесе водство за „фуријата“, пред во 43. минута да го удвои водството. Руиз претходно постигна уште два гола на шампионатот.
Во второто полувреме, младите Шпанциго зголемија водството на 3:0 преку Феран Торес, пред една од ѕвездите на турнирот, Ласана Н’Диаје да го постигне шестиот гол на шампионатот за да придонесе за интересна завршница. Мали имаше неколку шанси за втор гол во финишот на натпреварот, но на крајот ќе се задоволи со борбата за бронзениот медал со Бразилците.