Индијана направи брејк во Кливленд, а Хјустон и Оклахома ја искористија предноста на домашниот терен, во првите натпревари од плејофот во НБА лигата.
Индијана го декласира Кливленд 98:80 и стекна почетна предност во серијата против вицепрвакот. Ова е прв пат Леброн Џејмс плејоф серија да започне со пораз.
Кливленд немаше решение за одбраната на Индијана и брилијантниот Виктор Оладипо кој со 32 поени, шест скока и по четири асистенции и украдени топки го предводеше својот тим. На спротивната страна Џејмс забележа трипл-дабл од 24 поени, 12 скока и 10 асистенции.
Хјустон не дозоволи изнендување против Минесота, иако најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната вложи многу труд за да дојде до победата 104.101.
Харден одигра уште еден величенствен натпревар (44 поени). Токму Харден со 12 поени во низа ја направи клучната серија по која Хјустон успеа да се одлепи на 97:86, а потоа и да ја забележи првата победа во оваа серија.
Минесота ја предводеше Ендру Вигинс со 18 поени, два помалку постигна Дерик Роуз.
Пол Џорџ постигна 36 поени (8/11 тројки), а Оклахома го доби дуелот против Јута 116:108. Покрај Џорџ, кој изминатите две сезони како играч на Индијана во плејофот постигнуваше по 27 поени по натпревар, кај Оклахома се истакна и Расел Вестбрук со 29 поени, 13 скока и осум асистенции.
Кандидатот за најдобар дебитант на сезоната, Донован Мичел, беше најдобриот играч на Јута. Тој забележа „дабл-дабл“ од 27 поени и 10 скока.