Ракометарите на Вардар, во неделата, четврти пат во клупската историја го освоија трофејот во регионалната СЕХА лига. Црвено-црните ја одбранија титулата освоена минатата сезона, а до крајот на сезоната тие ќе бранат уште три титули, двете во домашниот првенство и најзначајната, онаа во Лигата на шампионите.
Вардар е тема во ракометните кругови, многумина се прашуваат дали може да биде првиот клуб во историјата што успеал да ја одбрани Лигата на шампионите и во исто време се прашуваат како клубот ќе изгледа наредната сезона, кога на клупата ќе го нема Раул Гонзалес.
На ова прашање за специјализираниот ракометен портал „balkan-handball.com“, одговорил Тимур Дибиров.
„Најважнато нешто е што Раул од овој клуб успеа да направи машина, институција, која може да функционира и без него и без Арпад и без мене…Раул си заминува, знаеме за каков тренер станува збор, меѓутоа оваа машина треба да продолжи да работи и работи, работи, работи. Не очекувам дека ќе бидеме послаби. Ќе одиме нагоре. Тоа сакаме да го продолжиме. Цел живот зборуваме дека Кил или Барселона е институција. Додека имаме ваква поддршка од државата, навивачите и од целиот Балкан зошто да не?“, рекол Дибиров.
Рускиот репрезентативец уште еднаш потврдил дека сите негови планови се поврзани со Вардар и дека останува во Скопје.