Непоразениот ММА фајтер, Дмитриј Сосновскиј добил казна од осум и пол години затвор во казнена колонија во Русија, откако бил прогласен за виновен за формирање на банда која киднапирала еден бизнисмен.
31-годишниот Сосновскиј, кој има една УФЦ борба во кариерата, според „Р-Спорт“ бил дел од петчлената банда, која го киднапирала бизнисменот, го однела во една канцеларија, каде што го тепале и му се заканувале дека ќе го убијат. Тие добиле казни од четири и девет и пол години затвор.
Бизнисменот избегал и отишол во полиција, а иронично сумата која сакале да ја ограбат од него е екстремно ниска – 3.800 долари.
Московјанинот Сосновскиј дебитираше во УФЦ во Лондон во март 2018, кога го победи во две рунди Марк Годбир. Тоа беше неговата 11-та победа во кариерата во која немаше ниту еден пораз. Неговата најголема победа беше во 2014 година, кога го совлада Александер Емелианенко во Москва.