Рони О’Саливен вели дека е подготвен да го смени снукерскиот маратон со вистински маратон во блиска иднина.
Најпознатиот снукер играч во историјата влегува на 17-дневниот Светски шампионат во Шефилд како еден од најголемите фаворити по одлична сезона во која освои рекордни пет ранкинг титули, но вели дека подготовките за „Крусибл“ значат пропуштање на маратонот во Лондон, каде што сака да се натпреварува како аматер.
Оваа година трката се одржува во недела, и О’Саливен, кој инаку е активен во тркачкиот клуб „Вудфорд грин“ вели дека во иднина приоритет ќе има маратонот пред снукерот.
„Никогаш не сум тренирал за маратон, но можам да истрчам 40-тина километри. Ако одам сакам да имам добро време. Никогаш не сум бил маратонец, но ќе се активирам кога ќе завршам со снукерот. Во моментов снукерот е на прво место“, вели О’Саливен.
Англичанецот оди на шеста титула во Шефилд, на турнирот кој наликува на маратон поради менталниот напор за играчите. Тој веќе има 824.500 фунти од снукерот оваа година и со пласман во финалето би станал првиот играч со заработувачка над 1 милион фунти во една сезона.
Во првото коло тој има незгоден противник, Шкотланѓанецот Стивен Мегвајр, двократен полуфиналист на „Крусибл“.
„Стивен е фантастичен играч и навистина не е некој со кој би сакал да се соочиш уште во првото коло“, додава 42-годишниот О’Саливен.