ФК Шкупи по комплетирањето на успешната сезона, по која следува и настап во европските купови, најавува дополнително кревање на нивото во македонскиот клупски фудбал.
„Изминативе неколку сезони нè уверија дека Шкупи има голем квалитет, капацитет а со тоа и потенцијал за постигнување навистина значајни резултати во меѓународни натпревари. Со цел да го максимизираме тој потенцијал започнавме една интензивна програма со инвестирање во нови играчи и во вредни трансфери, како и во подобрување на условите за тренинг и подготовка на играчите. Играчите се суштината на фудбалот, а наша задача како управа на клубот е да им обезбедиме средства и поле за нивниот потенцијал и талент да дојде до израз. Тоа се случува во ФК Шкупи во изминатиов период и во истата насока ќе продолжиме и понатаму се додека Шкупи не го ставиме во центарот на европските фудбалски имиња”, вели Олгун Ајдин сопственик на ФК Шкупи.
Договорите со двете нови имиња кои ќе бидат дел од ФК Шкупи се веќе потпишани, младинскиот репрезентативец, левокрилен дефанзивец Блертон Шеји од Струга и Томе Китановски од Македонија Ѓорче Петров.
Една од најзначајните промени со коишто ФК Шкупи ќе придонесе за зголемувањето на спортската култура и засилување на фудбалските потенцијали на државата е формирањето на Академија за млади фудбалери, инвестиција на клубот.
„Академијата за млади фудбалери ќе биде капитална инвестиција, која ќе помогне во препознавање, развој и формирање на идните млади фудбалери. Почетокот на проектот ќе биде наскоро така што новите генерации фудбалери на ФК Шкупи ќе имаат најдобри услови за учење, тренинг и напредување. Веруваме дека овој проект ќе го подигне фудбалот на највисоко ниво во нашата земја, што ќе биде една од најголемите инвестиции во нашите фудбалски академии”, дополнува сопственикот Олгун Ајдин.
Моментално интензивно се работи на целосна реконструкција на стадионот на Шкупи, каде е поставенанова ВИП трибина со капацитет од 1800 гледачи.
Фото: ФК Шкупи