Барселона е шампион од Копа дел Реј, откако во финалето на „Ванда метрополитано“, го прегази тимот на Севилја со 5:0 за да дојде на чекор до двојната титула во Шпанија.
За ова им е потребна само уште една победа во Ла лига, со што би се комплетирала доминацијата во Иберија, по фијаското во Лигата на шампионите, каде што беа елиминирани во „добиен“ двомеч од Рома.
Сите надежи на Винченцо Монтела и на андалузискиот тим за израмнет меч против Барселона беа уништени во првите половина час, кога прво Луис Суарез, а потоа и Лео Меси постигнаа голови за 2:0 предност. Кога Суарез го постигна вториот гол во финишот на полувремето, стана јасно дека треба да се чека само конечниот резултат.
Андрес Иниеста, во можеби еден од последните мечеви во дресот на Блауграна, постигна гол за 4:0, пред Филип Кутињо да ја потврди својата прва титула во Шпанија од пенал во 69. минута од мечот.
Ова е јубилејна 30. титула за каталонскиот гигант во Копа дел Реј, со што се убедливо најдобриот клуб во најстарото шпанско фудбалско натпреварување – Атлетик Билбао имаат 23 титули, додека Реал Мадрид „само“ 14.
Фото: ЕПА