Александер Зверев се врати од два сета негатива за 3:6/3:6/6:2/6:2/6:0 победа над германскиот сонародник Оскар Оте во првото коло на Ролан Гарос по 2 часа и 40 минути игра, откако четвртиот носител Доминик Тим веќе загуби во пет сета за најголемо изненадување на гренд слемот на земја.
„Искрено, ова беше првпат да играм со Оскар и не знаев што да очекувам. Не ми даде да влезам во ритам во првите два сета, и мислам дека ако сака да победува топ тенисери на гренд слем турнири треба да продолжи така“, изјави Зверев.
Оте пред овој меч имаше само 1-2 скор на гренд слем турнирите, откако ова му беше трет гренд слем, по настапите на Ролан Гарос во 2018 и 2019. Тој никогаш во кариерата не играл меч во три добиени сета.
Кај дамите, во дуел на две поранешни гренд слем шампионки, Викторија Азаренка ја совлада Светлана Кузнецова со 6:4/2:6/6:3 по точно два часа на теренот. Азаренка сервираше за меч при 5:1 водство во вториот сет, но руската ветеранка не се предаде до крај.
„Секогаш е битка против Светлана. Против неа мораш да бидеш психички подготвен, бидејќи е вистинска шампионка“, изјави Азаренка.
И двократната шампионка од Вимблдон, Петра Квитова имаше проблеми, откако мораше да спаси меч-топка пред да стигне до 6:7(3)/7:6(5)/6:1 победа над белгиската квалификантка Грет Минен. Квитова, која лани играше во полуфиналето во Париз, се мачеше со својот сервис губејќи премногу поени, пред да се врати за одличен трет сет.