Директорот на Тур де Франс, Кристијан Прудом очекува случајот со позитивниот тест на салбутамол на четирикратниот шампион, Крис Фрум да биде разјаснет пред овогодишната трка.
Во декември се објави дека Фрум имал превисоко ниво на салбутамол (средство за астма) при победата на Вуетла Еспања, но независниот анти-допинг трибунал на Интернационалната велосипедска унија (УЦИ) уште го нема донесено заклучокот, и тој не се очекува пред крајот на Џиро Д’Италија во мај. Тур де Франс почнува на 7 јули.
„Уште во декември велев дека ни е потребно брзо решение. Изјавите на претседателот на УЦИ најавуваат решавања пред Тур де Франс и имам доверба во нив. Мора да имаме одговор“, вели Прудом.
32-годишниот Фрум ќе оди на прва титула од Џирото, каде што ако победи ќе биде носител на трите големи велосипедски трки. Тој постојано тврди дека е невин.
Фото: ЕПА