Ѕвездата на Ливерпул, Садио Мане ја критикуваше сенегалската влада откако интернационалниот пријателски меч со Замбија во саботата беше прекинат откако на стадионот снема струја.
Фудбалерите беа заглавени во соблекувалните повеќе од половина час откако се изгасија рефлекторите на „Лат Диор“ стадионот. Мане постигна еден гол при 3:1 победата.
„Сенегалците заслужуваат подобро од ова. Навистина е несфатливо да се случи вакво нешто. Врвни фудбалери да чекаат 30-35 минути и потоа да се вратат во игра… Никаде го нема ова. Ние сме фудбалска земја и заслужуваме многу подобро. Покрај тоа, условите на стадионот се катастрофални“, изјави Мане.
Сенегал играат на стадионот „Лат Диор“ од 2019 година, откако владата вети изградба на нов стадион за националниот тим во Дакар, пред Младинската Олимпијада во 2026 година.