Мохамед Салах брилјираше против својот поранешен тим, за да постигне два гола и да додаде уште две аситенции во брилијантната 5:2 победа на Ливерпул над Рома во првиот меч од првото полуфинале од Лигата на шампионите, откако по убедливите 5:0, италијанскиот тим се врати со два гола во завршницата да им даде на своите фанови надеж дека е можно ново „чудо“ во Рим.
Сигурно немаше навивач на „волчицата“ кој не зажали зошто го продадоа Египќанецот на „Црвените“ во мачните 90 минути за нив на „Енфилд“, од кои Салах одигра 75 и беше едноставно фантастичен, а напаѓачкиот фудбал на Јирген Клоп придонесе Рома да нема одговор на нападите на Салах и Фирмино.
Рома дури го отвори мечот подобро, обидувајќи се во неколку наврати да го совлада Кариус, од кои ударот на Александар Коларов беше најзначителниот момент. Но, тогаш на сцена стапи Салах со фантастичен гол во 36. минута од мечот, кој не го прослави во знак на почит кон неговиот поранешен тим. До крајот на полувремето, тој додаде уште еден по добрата асистенција на Роберто Фирмино.
Ако Рома се надеваше на пресврт во второто полувреме, сите „бродови потонаа“ во 15-тина минути во второто. Салах прво го најде Садио Мане во 56. минута, а потоа му „врати“ на Фирмино во 62. минута за 4:0, за „петардата“ да ја комплетира повторно Фирмино во 69. минута.
Некоја мала надеж на „волчицата“ за домашниот меч им даде Един Џеко, со голот во 81. минута, по што Диего Пероти намали на 5:2 од белата точка во 85. минута, за одеднаш на Рома да им биде потребна победа од „само“ 3:0 или било која победа со четири гола разлика за да во големото финале во Киев.
Ако Рома успеа да се врати од 4:1 во мечот со моќната Барселона и да го елиминира тимот предводен од Лионел Меси, ништо не ги спречува да се обидат да го направат тоа на преполниот „Олимпико“. Никој не е луд да ја отпише Рома, сигурно не и Јирген Клоп. Остануваат уште 90 минути борба.
Фото: ЕПА