Селекторот на фудбалската репрезентација на Италија, Роберто Манчини, ги повикува своите избраници на претпазливост во пресрет на првиот меч во А-групата. Италија и Турција, во петокот, ќе го отворат Европското првенство. Во оваа група играа и селекциите на Швајцарија и Велс.
„Групата е тешка. На вакви турнири најтешко е да се игра против послаби ривали. Сите натпревари ќе бидат тешки. Можеби, по ждрепката, некои сметаат дека групата е лесна, но не е така. Денес, секоја екипа е добро тактички, технички и физички подготвена“, рекол Манчини.
„Турција е силен тим. Имаат физички и технички одлични фудбалери. Многу напредуваа. Истото можам да го кажам за Швајцарија и Велс“.
Италијанскиот селектор смета дека Франција е најголемиот фавори за трофејот.
„На турнирот ќе има неколку добри тимови, но јас би ја издвоил Франција. Тие се актуелни светски шампиони. Беа млад тим кога победија на СП во 2018 година. Тоа значи дека сега се многу посилни. Се надеваме дека против нив ќе го играме решавачкиот натпревар“, заклучил Манчини.