Сопственикот на Фулам, Шахид Кан дал понуда да го откупи славниот англиски стадион „Вембли“ од страна на Фудбалската асоцијација за фантастични 800 милиони фунти.
Според „Би-би-си“ понудата се состои од 500 милиони фунти за стадионот и 300 милиони осирувања на бизнисот , и ФА сериозно ќе ја разгледа понудата.
„Ние ќе се обидеме да бидеме најдобриот чувар на стадионот кој има статус на икона. ’Вембли’ ќе се врати во приватна сопственост, а Фудбалската асоцијација ќе може да се фокусира на главната мисија – развојот на фудбалерите“, вели Кан, кој исто така е сопственик и на НФЛ тимот на Џексонвил јагуарс.
Тренерот на Фулам, Славиша Јокановиќ вели дека знае за планот уште пред година и пол и дека неговиот газда е „многу амбициозен човек“.
Стадионот со 90.000 седишта, најголем во Обединетото Кралство чинеше 757 милиони фунти по новата изградба во 2007 година, а ФА објави дека ќе ги исплати долговите за изградбата до крајот на 2024 година.
67-годишниот Шахид Кан, кој е роден во Лахоре, Пакистан, но се пресели во САД на 16 години за да студира инженеринг, стана милијардер како производител на автомобилски делови. Тој „тежи“ 7.2 милијарди долари, со што е 217. најбогат човек ана светот според магазинот „Форбс“.
Тој го купи НФЛ тимот Џексонвил во 2011 и од 2013 година планира тимот своите домашни натпоревари да ги игра на „Вембли“. Фулам од друга страна уште е во втората лига по испаѓањето во 2014 година.