ЦСКА Москва по 15. пат во последните 16 години ќе игра на Фајнал фор турнирот од Евролигата, овојпат од 18 до 20 мај во Белград, откако во четвртиот меч во драматичен меч со 89:88 го совлада Химки за 3:1 победа.
ЦСКА водеше во текот на целиот меч, честопати со двоцифрена предност, пред Химки со тројката на Швед на една минута пред крајот да поведе со 87:85. Серхио Родригез на 21 секунда пред крајот со две прецизни слободни фрлања израмни на 87:87, за секунда подоцна Ентони Гил да постигне едно слободно фрлање за 88:87 за Химки.
Во последниот напад, гостите кпреку Кори Хигинс стигнаа до поени и 89:88 водство на пет секунди пред крајот, по што главната улога ја имаа судиите. Химки бргу ја изведе топката и постигна кош, за кој веруваа дека е победнички, но судиите ја вратија топката под обрачот на домашниот тим, во кој Химки не можеше да направи ништо.
Претходно на Фајнал фор турнирот се пласираа носителот на титулата Фенербахче и литванскиот Жалгирис.
Фото: ЕПА