Откако титулата заврши во рацете на Шкендија, најинтересниот момент во Првата македонска фудбалска лига е борбата на опстанок на трите најзагрозени клубови – Победа, Скопје и Пелистер, и сликата не стана појасна ниту по 31. коло.
Скопје го продолжи импресивниот пролетен обид да се остане во елитата, откако со 4:0 го декласираше директниот ривал, Пелистер за да се израмни со нив на 28 поени, и да им го препушти последното место поради подобра гол-разлика. Скопје уште во првото полувреме, кое го доби со 3:0 го реши победникот на мечот.
Сепак, Скопје не успеа да се доближи до последното безбедно место откако Победа со 2:1 ја победи Шкендија, благодарение на голот на Филип Најдоски на 10 минути пред крајот на мечот, со што сега имаат 32 поени, четири повеќе од Скопје и Пелистер.
Вардар, пак, на гостувањето кај Силекс стигна до рутинска 0:2 победа, откако постигна два гола за пет минути во првото полувреме, иако мечот го заврши со 9 фудбалери по црвените картони за Попов и за Блажевски.
Работнички и Шкупи одиграа 1:1, додека Ренова со 2:1 го совлада тимот на Академија Пандев за да се одвои на четири поени од нив на петтото место на табелата.
ПМФЛ, 31. КОЛО
Скопје – Пелистер 4:0
Победа – Шкендија 2:1
Работнички – Шкупи 1:1
Ренова – Академија Пандев 2:1
Силекс – Вардар 0:2
Табела: 1.Шкендија 76, 2.Вардар 52, 3.Силекс 45, 4.Работнички 41, 5.Ренова 40, 6.Академија Пандев 36, 7.Шкупи 36, 8.Победа 32, 9.Скопје 28, 10.Пелистер 25.
Фото: ФК Шкендија