Италијанскиот тренер Марко Роси, кој е селектор на унгарската фудбалска репрезентација, признава дека е изнервиран од однесувањето на Кристијано Роналдо, откако неговата репрезентација испадна во групната фаза на ЕУРО 2020.
Унгарците првиот меч на шампионатот го играа против Португалија и успеаја да имаат 0:0 до 84. минута од мечот, кога Рафаел Гереиро постигна гол, пред Роналдо да додаде два гола за 0:3 победа. Унгарците и покрај тоа што во следните два меча успеаја да ги намачат Франција (1:1) и Германија (2:2) испаднаа како последнопласирани во групата Ф.
„Роналдо е голем фудбалски шампион, но понекогаш навистина успева да ме изнервира. Откако ни даде гол од пенал славеше како да ја освоил титулата. Мислам дека луѓето го гледаат и го сфаќаат тоа однесување“, вели Роси.