Нов маестрален натпревар во осминафиналето на Европското фудбалско првенство. На националната арена во Букурешт, големиот фаворит за титулата на ЕУРО 2020 – Франција направи пресврт, но не успеа да слави триумф против Швајцарија во регуларните 90 минути. Од 1-3 Швајцарците се вратија на 3-3 во 90 минута и на крајот на пенали успеаја да го елиминираат актуелниот светски шампион.
Во првите 45 минути „галските петли“ не упатија ниту еден удар во рамки на голот на Сомер. На другата страна, во 15 минута Швајцарците стигнаа до предност од 1:0 благодарение на одличниот удар со глава на Харис Сеферовиќ од 6-7 метри пред голот на Уго Лорис.
Во вториот дел луд натпревар со дури 4 гола.
Во 55 минута трагичар за Швајцарците е бекот Рикардо Родригез, а херој за „триколорите“ е Лорис. Голманот на Тотенхем му одбрани пенал на Швајцарецот со кој избраниците на селекторот Петковиќ ќе отидеа на високи 2-0.
По само 2 минути, во 57 минута казна за промашувањето стигнува на спротивната страна. Бензема прецизно стрела за 1-1.
Се играше 59 минута, а на семафорот во Букурешт веќе стоеше 2-1 за Франција. Повторно Бензема, по асистенција на Гризман.
Вистинско голчиште постигна Пол Погба од 20-тина метри, во 75 минута, гаѓајќи прецизно во горниот лев агол од голот на Сомер.
Во продолжение на мечот Французите „застанаа на топката“. Сепак, селекторот Петковиќ направи неколку замени, ја раздвижи селекцијата, па Сеферовиќ со својот втор гол на мечот, повторно со глава, во 81 минута намалува на 3-2.
Последните 5 минути донесоа напади на Швајцарците, Варгаз постигна погодок, но истиот беше поништен поради офсајд.
Сепак, херој на Швајцарија е Гаврановиќ, со одличен удар, по асистенција на Џака прецизен за 3-3.
Французинот Коман имаше можност во 94 минута да ги однесе „петлите“ во четвртфинале, но неговиот удар заврши во пречката.
По првото продолжение од 15 минути најизгледна шанса за промена на резултатот имаше Павард, но неговиот удар не заврши во мрежата на Сомер.
Во второто продолжение Французите беа поконкретни, но без реализација, тоа посебно се однесува на индиспонираниот Мбапе. Швајцарците се потрошија, па ги чекаа пеналите.
Гаврановиќ (Швајцарија) – погодува за 1-0
Погба (Франција) – погодува за 1-1
Шер (Швајцарија) – погодува за 2-1
Жиру (Франција) – погодува за 2-2
Аканџи (Швајцарија) – погодува за 3-2
Турам (Франција) – погодува за 3-3 (Сомер беше блиску до одбрана)
Варгаз (Швајцарија) – погодува за 4-3 (Лорис речиси ја имаше топката)
Кимпембе (Франција) – одличен погодок за 4-4
Мехмеди (Швајцарија) – погодува за 5-4
Мбапе (Франција) – промашува (Сомер е јунакот на Швајцарија)
Швајцарија успеа да закаже четвртфинална пресметка на 2. јули во Санкт Петербург, против Шпанците, кои со 5-3 попладнево ја совладаа Хрватска.