Заменикот капитен на Баерн Минхен, Томас Милер не штедеше зборови за својот противник во Лигата на шампионите, Реал Мадрид, потсетувајќи пред реваншот на „Сантијаго Бернабеу“ дека лани кралскиот клуб постигнал два гола од офсајд.
Лани Реал го елиминираше Баерн со вкупен резултат 6:3, откако победија дома со 4:2, а во Минхен беше 2:1 за Шпанците. Оваа година, Баерн пак не успеа да го победи Реал на „Алијанц арената“ губејќи со 1:2 во првиот меч, но Милер е сигурен дека тие одат во финале.
„Сите знаат што се случи лани тука, со двата гола од офсајд на Мадрид. Тука е и пеналот со Јувентус… Атмосферата не треба да влијае на судиите. Ќе се обидеме да се концентрираме само на мечот, бидејќи и така сме под голем притисок“, изјави Милер.
Тој пропушти неколку шанси во првиот меч, и сега ги предупредува колегите дека мораат да бидат попрецизни во Мадрид.
„Го анализиравме првиот меч за да знаеме како да се подготвиме за реваншот. Мораме да ги искористиме нашите шанси, да бидеме гладни пред голот и да им наштетиме на Мадрид“, додава Милер.