Три натпревари останаа до крајот на Европското првенство. Во најдобра позиција за освојување на титулата се наоѓа Англија. Англичаните имаат добар тим, играат на домашен терен и само тие ќе имаат поддршка од трибините.
Корона протоколите се такви, што само англиските навивачи и официјалните лица и гостите на УЕФА ќе можат да влезат на Вембли. Новинарите и навивачите се лути на ваквата одлука, сметаат дека е нарушена регуларноста на турнирот.
Владата на Велика Британија, не дозволува влез на странци на Островото. Причина е новиот сој на коронавирусот.
Оваа одлука се коси со се она што пред Европското првенство го најавуваше претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
„Фудбалот им припаѓа на сите“, кажа Чеферин во деновите кога 12 клубови ја формираа Суперлигата.
Само за обичните навивачи од Данска, Италија и Шпанија влезот во Британија и на Вембли е забранет. ВИП гостите на УЕФА, а и ги има нешто повеќе од 2.500 ќе бидат на стадионот.
Злите јазици велат дека на овој начин Чеферин сака да и се одолжи на Фудбалската асоцијација на Англија, бидејќи шестте клуба од Премиер лигата први се откажаа од Суперлигата, поради што и пропадна целиот проект.
Обичните навивачи, покрај незадоволството, коментираат дека со овој потег УЕФА на Англија и го отвора патот до титулата. Секако за да се оствари ова Англија најпрвин треба да ја победи Данска во полу-финалето, а доколку го направи тоа тогаш мора да слави и против Италија или Шпанија во големото финале.